Војна на Блискиот Исток

Во Иран уништени над 2.000 цели, повеќето воени инсталации

05.03.2026 21:00

Трамп доби зелено светло од американскиот Сенат за воените операции во Иран. На Блискиот Исток гори. САД и Израел ги интензивираат нападите. Иран возвраќа со удари во арапските земји. Шест дена од почетокот на војната, сè повеќе земји од Европа ветуваат одбранбена помош за Кипар и сојузниците во Заливот.

Американско – израелската офанзива се засилува. Експлозии одекнуваат низ Иран. Во момент кога САД најави подлабоки воени операции, Сенатот даде зелено светло за воените овластувања на Трамп. Испраќање американски трупи засега не е планирано, но опцијата останува на маса.

„Се справуваме многу добро на воениот фронт, ако некој ме праша на скала до 10, би оценил со 15. И ќе продолжиме. Имаме убедливо најголема војска во светот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Според проценките, во Иран се уништени над 2.000 цели, повеќето воени инсталации. Израел продолжи со копнената акција и во Либан.

„Продолжуваме да напаѓаме цели на терористичкиот режим во Иран, а исто така и терористичките елементи во Либан. Достигнувањата се одлични, но сè уште има многу работа“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Иран возвраќа со напади врз Израел и американски цели во земјите од Заливот. Две лица се повредени во Азербејџан, Баку најави одмазда. Техеран негира дека станува збор за ирански дронови.

„Република Нахчиван беше нападната од беспилотни летала лансирани од иранската држава. Целите на нападот беа цивилни објекти, вклучувајќи го Меѓународниот аеродром, неговата терминална зграда, училиште и други цивилни објекти. Државата Азербејџан остро го осудува овој гнасен терористички чин“, изјави Илхам Алиев, претседател на Азербејџан.

Во Катар соборени ирански бомбардери, Ирак потона во целосен мрак додека цивилите во Ирбил се најдоа во вкрстен оган. Техеран се закани со одмазда за потонатиот брод крај брегот на Шри Ланка.

„САД извршија злосторство на море, 2.000 милји оддалечено од бреговите на Иран. Запомнете ги моите зборови: САД ќе зажалат за преседанот што го поставија“, објави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Шест дена од почетокот на војната, се повеќе земји од Европа ветуваат одбранбена помош за Кипар и сојузниците во Заливот.

„Додека регионот е потонат во хаос, мојот фокус е да обезбедам мирно, разумно лидерство во национален интерес. Тоа значи распоредување на нашата воена и дипломатска сила за да го заштитиме нашиот народ. Тоа значи цврсто да застанеме зад нашите вредности и принципи без оглед на притисокот да постапиме поинаку“, рече Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

„Иран се обидува да ја прошири војната во што е можно повеќе земји за да посее хаос. Ние повикуваме на стабилност. Секако, наш прв приоритет е безбедноста на нашите граѓани кои моментално се во регионот. Го организираме одговорот и нашите луѓе надвор од регионот“, нагласи Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Тензиите меѓу Европа и САД растат по заканата на Трамп за прекин на трговијата со Шпанија, откако Мадрид одби воена соработка со Вашингтон во ескалацијата со Техеран. Брисел се надева оти САД ќе го почитува трговскиот договор постигнат минатата година, кој важи за сите членки на ЕУ.

Маријана Димовска