Вајц: Нема преговори без уставни измени
За уставните измени не може да се преговара, без нив нема напредок на патот кон пристапувањето, предупредува известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц. Брисел разгледува три сценарија за приемот на нови членки во Унијата, но се чини дека концептот за постепена интеграција не поминува...

Брисел останува на ставот дека без уставни промени нема вистински преговори за членство во ЕУ. И известителот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц вели дека прифатеното со преговарачката рамка мора да се исполни ако сакаме ефикасни преговори за пристапување.
„Уставните промени се услов. Ова не е предмет на преговори. Доколку овие критериуми и услови не се исполнети, нема да има напредок на патот кон пристапување. Ова се заклучоците на советот и ова се дел од барањата што северна Македонија мора да ги исполни. Почитувањето на малцинствата и заедниците е фундаментален елемент за секоја земја што сака да стане членка на ЕУ. Гледам не се очекуваат избори во северна Македонија следната година. Ова ни дава можност да видиме одреден напредок“, изјави Томас Вајц, известител на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Нема согласност меѓу земјите – членки за прием на нови членки без право на глас, оти никој не се откажува од правото на вето и по цена Украина да не биде примена во ЕУ како дел од мировниот договор. Радио Слободна Европа пренесе дека на вечерата на амбасадорите на земјите членки на 4 март, шефот на кабинетот на претседателот на Европската комисија, Бјорн Зајберт сакајќи да го испита пулсот за прием на нови членки, посочил три можни сценарија. Според првото, критериумите за членство остануваат исти – членство според заслуги. Некои членки не го отфрлиле второто сценарио, системска и постепена интеграција во одредени европски политики согласно со напредокот на кандидатките за што е потребно усвојување на нова законска рамка во ЕУ. Третото сценарио на која се надеваат повеќе земји кандидатки од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија е постепеното членство, односно интеграција во одредени политики и фазно проширување на правата. Комесарката за проширување Марта Кос во својот најавен нон-пејпер разгледува ваква можност за што добила поддршка и од претседателката на комисијата Урсула Фон дер Лајен доколку е пошироко прифатено од членките, што засега не е случај.
Ирина Гелевска
