Општините од југоистокот со заеднички проект за поквалитетен воздух
Скоро 700 илјади евра ќе бидат инвестирани во општините од југоистокот за одржливи мобилни решенија кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот. Станува збор за проектот „Зелено за добро“ кој го финансира ЕУ од програмата за прекугранична соработка со Грција.

Општините од југоистокот заеднички ќе работат на подобрување на амбиенталниот воздух преку проектот „Зелено за добро“. Скоро 700 илјади евра ќе се инвестираат во активности во десетте општини кои носат одржлива мобилност и обновливи извори на енергија со зелена урбана инфраструктура.
„Зелено за добро“ е проект од Програмата за прекугранична соработка со Грција кој ќе го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион а го финансира ЕУ и двете држави.
Проектот доби поддршка и од Општина Струмица која со години бара начини и решенија за подобрување на квалитетот на воздухот.
Со проектот во дел од општините ќе бидат поставени станици за брзо полнење на електрични возила, во други ќе се инсталираат фотоволтаични системи додека во Радовиш и Гевгелија ќе има канцеларии за зелена енергија.
Ване Трајков
