Сведоштво на фудбалерот Ашковски за војната во Иран
Македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Ашковски на почетокот на годинава потпиша за ирански клуб. Но тогаш, не можеше ниту да претпостави дека месец ипол подоцна грчевито ќе се бори да ја напушти земјата. Тој за Македонската телевизија сведочи за експлозиите, стравувањето за неговиот живот, но и за атмосферата во Техеран пред и по нападите.

Новата страница во фудбалската клупска кариера на македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Ашковски се претвори во вистинска голгота. Само месец и половина откако потпиша договор да настапува за иранскиот клуб „Рафсанџан“, земјата беше нападната од САД и Израел.
Аеродромите затворени, интернетот исклучен, Ашковски стравувал за животот. Информацијата за нападот го затекнала во карантин, подготвувајќи се за натпревар. Визата за излез од Иран му била истечена, не знаел како ќе се врати дома. Му помогнал неговиот пријател и соиграч, албанскиот репрезентативец Јасир Асани, кој порано го напуштил Техеран и му го оставил личниот возач, а дипломат од Анкара му помогнал да ги убеди иранските служби да излезе без плаќање казна. 34 годишниот фудбалерот за МТВ раскажа за пеколот низ кој поминал.
Сепак, Иран ќе го памети по добрите луѓе, а не по режимот – вели откако по патешествието што траело со часови конечно се вратил дома.
Ашковски важи за еден од поискусните интернационалци во националниот тим.
Александра Велинова
