Блиски Исток

Американско – израелската офанзива се интензивира, Иран и натаму жестоко возвраќа

06.03.2026 15:44

САД и Израел ја засилуваат воената кампања во Иран. Ракетните напади интензивирани, Вашингтон и Тел Авив тврдат дека значително ги онеспособиле капацитетите на Техеран. Иран и натаму жестоко возвраќа. Трамп ги повика иранските сили да се предадат, а цивилите да се побунат...

Американско – израелската офанзива се интензивира. На удар клучната инфраструктура во Техеран. Шефот на Белата Куќа вели дека иранската морнарица и воздухопловни сили се уништени. Трамп им вети имунитет на сите ирански војници што ќе го положат оружјето. На иранските дипломати им препорача да побараат азил, а народот да ја преземе судбината во свои раце. Претседателот посочи дека иранските лидери се подготвени да склучат договор, но сега е доцна за тоа.

„Време е да застанете во одбрана на иранскиот народ и да помогнете да ја вратите вашата земја. Имате шанса, по сите овие години. Ние ќе ви дадеме имунитет и вистинската страна од историјата, или ќе се соочите со апсолутно загарантирана смрт. Не сакам да го видам тоа. Исто така, ги повикуваме иранските дипломати во светот да побараат азил и да ни помогнат да обликуваме нов и подобар Иран со голем потенцијал. Многу подобра иднина за Иран започнува сега и мислам дека ќе биде одлична“, порача американскиот претседател, Доналд Трамп.

Иранските власти негираат дека побарале разговори со САД за завршување на војната.

„Ние не бараме прекин на огнот и не гледаме никаква причина зошто треба да преговараме со САД кога преговаравме со нив двапати. И секој пат тие не напаѓаа во средината на преговорите. Значи, нема барање за прекин на огнот од наша страна и нема барање за преговори со САД од наша страна. Никогаш не сме им испратиле никакви пораки“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Техеран возвраќа со напади врз Израел и американски цели во земјите од Заливот. Нови гранатирања во Бахреин и Катар, во Кувајт и Саудиска Арабија пресретнати ракети. Од израелската војска велат дека извршиле повеќе од 2500 напади врз Иран. Продолжи и воената акција во Либан.

„Во рок од 24 часа, нашите пилоти го отворија патот кон Техеран. Уништивме приближно 80% од иранските системи за воздушна одбрана и постигнавме речиси целосна воздушна супериорност над иранското небо“, изјави Генерал-потполковник Ејал Замир, началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили.

НАТО ја зголеми балистичката ракетна одбрана на ниво на Алијансата откако пресретна ракета од Иран насочена кон Турција. Се повеќе земји од Европа ветуваат одбранбена помош за Кипар и сојузниците во Заливот по нападот на британската база.

„Како што се менуваат околностите во секој конфликт, мора да бидеме подготвени да ги прилагодиме дејствијата што ги преземе“, рече Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.

САД и дозволи на Индија привремено да купува руска нафта поради војната во Иран. Пекинг преговара со Техеран за безбедно минување на нејзини бродови низ Ормускиот теснец.

„Ормускиот теснец и околните води се важни канали за меѓународна трговија. Кина ги повикува сите страни веднаш да ги прекинат воените операции, да спречат понатамошна ескалација на тензиите и да избегнат регионална нестабилност што би можела да има поголемо влијание врз глобалната економија“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.

Американскиот претседател вели дека понатамошни мерки за намалување на притисокот врз нафтата се неизбежни.

Маријана Димовска