Семејно насилство

Уапсен насилник кој пукал кон сопругата

06.03.2026 15:15

Случаите на семејно насилство не се престануваат. Полицијата уапси 55 годишник од Скопје, осомничен дека во неговиот дом во Кисела Вода со пиштол пукал кон неговата 48-годишна сопруга, им се заканувал на трите ќерки и физички ја нападнал едната. Инцидентот се случил на 1-ви март, по претходна расправија...

Уапсен е скопјанецот, за кој постои сомнение дека со пиштол пукал кон сопругата во семејниот дом во Кисела Вода.

55-годишникот, наводно, најпрвин се заканувал на трите ќерки и сопругата, а потоа испукал куршум кон неа што завршил во прозорецот. Потоа, нападнал и една од ќерките.

Инцидентот бил пријавен во полиција 5 дена подоцна, кога тој повторно со пиштол се заканувал кон сопругата, но ќерките го спречиле во намерата да пука.

Министерството за внатрешни работи ги презема сите дејствија и по целосно документирање на случајот, против потенцијалниот насилник, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ова не е единствениот пријавен случај на семејно насилство во изминатото деноноќие.

Ресорниот министер, Панче Тошковски, информира дека во полициска станица е задржан уште еден потенцијален насилник, за кој ќе се постапува во соработка со Јавното обвинителство. Тој додава дека зголемениот број на пријави за семејно насилство, периодов може да е последица на охрабрувањето на жртвите и акцентот што медиумите го даваат на оваа проблематика, а за постигнување на саканиот ефект, од големо значење ќе бидат и брзите реакции на институциите.

Марија Котовска