Нови пријави во акцијата „Гора“ за спречување бесправна сеча на дрва

13.09.2014 18:05

Дрвокрадците и понатаму прават пустош по македонските планини. Секој ден се уништуваат огромни површини со шума. Овие криминални се вистинска организирана мафија која нема страв ниту од шумската полиција, која е и напаѓана од овие групи. За да го разреши овој голем криминал МВР започна акција „Гора“ во која во последните неколку дена пријави добија 9 лица, од кои едно заработи и мерка притвор.

Дрвокрадците не престануваат да пустошат по македонските шуми. Илјадници кубни метри дрва се крадат секој ден. Овие криминалци се вистинска организирана мафија, едни стражарат, додека други крадат. Доколку пак бидат откриени од полицијата воопшто не се двоумат и да ја нападнат, на таков случај беше сведок неодамна и екипата на МТВ. Се се случува како на филм.

Полицајците често пати се и претепувани од страна на дрвокрадците, таков беше и последниот случај во Прилеп. Животот постојано им е во опасност.

„Маваа по нас со секакви предмети, јас бев удрен по левата страна на грбот, под ребрата“, рече тогаш Атанас Вељаноски, шумски полицаец.

„Секојдневно нас животот ни е во опасност, не само додека сме на терен туку и во приватниот живот. На еден наш колега дрвокрадците му го запалија и приватното моторно возило“, вели Рубин Мирчески, шумски полицаец.

„Шоферите се вистински камикази, директно одат во возилото од полицијата или пак во нас полицајците, сакаат да не прегазат“, кажа Илија Спироски, командир на шумска полиција Прилеп.

Дрвокрадците без страв пустошат по планините, се правдаат дека немале друга егзистенција.

„Никаде не сум вработен 4 деца имам за школовање, немам за јадење да му дадам. Еве сега морам овде да крадам дрва и ги продавам, е тоа правиме искрено да ти кажам“, рече еден дрвокрадец.

Овие криминални дејствија не само што предизвикуваат огромна материјална штета за државата, туку се поизразена е и опасноста од појава на еколошки катастрофи како што се свлечишта на земјиштето.

За да конечно го разреши овој криминал МВР започна голема акција наречена „Гора“, во која на подрачјето на Скопје и Велес, во 4 одвоени случаи, пријави добија 9 лица, а на едно лице за прв пат во досегашната судска пракса, му е изречена и мерка притвор.

„Запленети се над 1.000 метри кубни огревно дрво, извршени се контроли во над 245 складови за огревно дрво, на територијата на цела Република Македонија, и при тоа во 49 складови е констатирано дека постојат неправилности заради кои тие се затворени“, истакна Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи.

Вредноста на запленетите огревни дрва во „Гора“, е проценета на над 36.000 евра. а поднесени се 14 кривични и над 170 прекршочни пријави. 

Дарко Штаргоски