Над 40% од граѓаните имаат проблеми со спиењето, 70% користат телефон пред легнување
Речиси 70 проценти од анкетираните граѓани користат телефон или друг екран пред спиење, а повеќе од 40 отсто се соочиле со проблеми со спиењето во последните три месеци, покажуваат резултатите од анкетата на Универзитетската клиника за психијатрија спроведена по повод месецот за подигнување на свеста за спиењето.
Повеќе од 40 проценти од испитаните граѓани во Македонија се соочиле со проблеми со спиењето во последните три месеци, покажуваат резултатите од анонимната онлајн анкета што ја спроведе ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија од 2 до 6 март годинава.
Во анкетата учествувале 491 испитаник, а резултатите покажуваат дека речиси 70 проценти користат телефон или друг екран пред да заспијат. Повеќе од 63 проценти од анкетираните изјавиле дека спијат од пет до седум часа во текот на ноќта, 11,6 проценти спијат помалку од пет часа, додека 22,8 проценти имаат сон од седум до девет часа.
Истражувањето е спроведено по повод март – месецот што Европското здружение за истражување на спиењето го прогласи за месец за подигнување на свеста за важноста на сонот, под мотото „Спиј добро, живеј подобро“.
Според проф. д-р Ненси Манушева од Универзитетската клиника за психијатрија, недостигот од сон може сериозно да влијае врз секојдневното функционирање.
„Недоволното спиење ги нарушува извршните функции, ја намалува концентрацијата, го забавува мисловниот процес и психомоториката, што може да доведе до погрешна проценка во различни ситуации, како управување со возило или работа со машини. Долготрајните нарушувања на сонот, како хронична несоница, може да доведат и до анксиозност и депресија“, посочува Манушева.
ТРЕТИНА ОД АНКЕТИРАНИТЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ОДМОРЕНО КОГА ЌЕ СЕ РАЗБУДАТ
Анкетата покажува и дека 44,6 проценти од испитаниците би сакале повеќе информации или стручна поддршка за подобрување на квалитетот на спиењето. Само третина од анкетираните се чувствуваат одморено кога ќе се разбудат, додека 24 проценти ретко се чувствуваат одморено по будењето.
Најголем дел од испитаниците сметаат дека сонот најмногу влијае врз расположението (71%), концентрацијата (64%) и работната ефикасност (63,3%).
Годинава, фокусот на европската иницијатива е ставен на здравите навики за спиење кај децата. Според проф. д-р Стојан Бајрактаров, спиењето е клучно за правилниот физички развој, учењето и емоционалната стабилност.
Тој посочува дека децата кои имаат конзистентни рутини пред спиење – како читање, тивок разговор или намалување на стимулативни активности – имаат поквалитетен сон, поголема емоционална стабилност и подобри резултати во учењето.
Како дел од месецот за подигнување на свеста за спиењето, на 6 март се одбележува и „Ден во пижами“ (Pyjama Day), иницијатива што ги повикува луѓето симболично да дојдат во пижами на работа, училиште или на настани, со цел да се испрати порака за значењето на здравиот сон за целокупната благосостојба.
