Партиски реакции за извештајот на ЦИА за Глигоров
Партиите се огласија по објавениот документ од ЦИА, дека поранешниот претседател Киро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името. СДСМ ја потсети владејачката партија за враќање на старото име, ВМРО-ДПМНЕ прашува – ако Глигоров одбил, за колку прифатиле Заев и Филипче.

Власта и опозицијата го вкрстија копјата откако јавно беше објавен документ на ЦИА, во кој е наведено дека поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името. СДСМ ја потсети владејачката партија на даденото ветување пред граѓаните дека ќе го врати старото име на државата и ќе го поништи преспанскиот договор.
Ако Киро Глигоров, како поранешен претседател, одбил 100 милиони долари за промена на името, колку Заев и Филипче имаат земено за промената на името Македонија, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во документот на ЦИА од крајот на 1992 година, стои дека и покрај итната потреба од економска помош, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери од 100 милиони долари, со услов да се смени името на државата. Тогашниот претседател ги оценил грчките барања како целосно неразумни, кои Македонија никогаш нема да ги прифати.
Игор Панов
