Криза на Блискиот Исток

Неизвесност и откажани аранжмани, туристичките агенции ги чувствуваат последиците

06.03.2026 17:05

Зголемена неизвесност и откажани аранжмани. Кризата на Блискиот Исток се одрази врз работењето на домашните туристички агенции. Дел од патниците стравуваат да полетаат, штети трпат сите.

Авионот за Кипар иако празен в сабота ќе летне. Над 100 македонски граѓани го откажале осмомартовското патување, поради страв од ескалација на состојбата на Блискиот Исток. Штета од големата неизвесност трпат патниците и туристичките агенции. Од Националната асоцијација смируваат – нема потреба за откажување на аранжманите оти во Кипар нема прогласена вонредна состојба ниту има официјална забрана за туристичките посети.

Од Асоцијацијата бараат трпение од патниците кои ги откажуваат аранжманите од лични причини, бидејќи во конкретниот случај не им следува целосно враќање на парите, сепак велат дека туристичките агенции бараат најповолно решение. Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е можно само во случај на вонредна состојба.

За оваа состојба, Асоцијацијата побарала средба со министрите за туризам и надворешни работи за да се изнајде решение, и да се прецизира во кои земји може да се организираат патувања.

Викторија Милевска