Евакуација на нашинците од Блискиот Исток
Дел од нашинците се вратија дома, многумина и натаму чекаат за евакуација од Блискиот Исток. Се финализира постапката за склучување договор со компанија, за организација на чартер – летови. И покрај кризата, некои одлучиле да останат во регионот.

Веќе една недела траат воените дејствија на Блискиот исток, ама нашинците од кризниот регион со различни гледања на ситуацијата. Дел сакаат да се вратат во Македонија, дел полека се навикнуваат на новата реалност. Но, и тие биле исконтактирале од надлежните во земјава.
„Надлежните очекуваат наредните неколку денови да се заврши евакуацијата на нашите граѓани коишто се наоѓаат во кризниот регион на Блискиот Исток. Како ќе се одвива динамиката на враќање зависи од безбедносната ситуација во тој момент“, соопштуваат од МНР.
Вчера пристигнаа петмината македонски државјани од Израел, двајца ракометари кои играат за тамошни клубови, родители на едниот спортист и докторка мажена во Израел.
Велат, не било пријатно на секоја сирена да се оди во засолниште, но досега немале алтернатива за враќање.
Уште седум македонски државјани се во Израел, им била понудена евакуација со владиниот авион, но одбиле зашто ќе се вратат со комерцијален лет.
Наташа Јанчиќ-Менковски
