Прилеп

Семејното насилство во пораст, санкции за институционалните пропусти

07.03.2026 13:27

За повеќе од една третина лани е зголемен бројот на евидентирани случаи на семејно насилство во прилепскиот регион. Но, тоа не ја одразува реалната состојба, сметаат од невладиниот сектор кој ги посочува системските и институционалните пропусти. Законите не се лоши, ама бирократијата оневозможува правдата да стигне до жртвите. Пропустите треба да имаат име и презиме и одговорност, сметаат од прилепската невладина организација Станица П.Е.Т, која со години ја следи проблематиката.

Немаме лоши закони, но има многу бирократија и непостапување за да се заштитат жртвите од семејно насилство, велат од прилепската невладина организација „Станица П.Е.Т.“ која со години го следи проблемот со семејно насилство во прилепскиот регион. Иако зголемени, регистрираните случаи не ја одразуваат реалната состојба во Регионот кој не може да се пофали во поддршката на жртвите.

Многу случаи не се заведуваат како семејно насилство, туку како поплаки. Често, мерките за привремена заштита немаат ефект.

Од прилепскиот Центар за социјална работа велат дека работат континуирано.

„Центарот постапува согласно законот за превенција и заштита од семејно и родово базирано насилство и протокол за меѓусекторска соработка. Поднесените предлози до Основен суд Прилеп се прифатени и се изречени предложените мерки. За секое непочитување на решението, против насилникот Центарот поднесува кривична пријава“, велат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа-Прилеп.

Решението е во построг систем за надзор во институциите. Одговорноста мора да има име и презиме. Ниту најдобриот закон нема да чини, ако не се спроведува.

Елизабета Митреска