Охрид

8 Март ја најавува новата туристичка сезона

07.03.2026 19:23

Осми март го буди Охрид. Овој празничен викенд во градот пристигнаа голем број туристи. Каква ќе биде туристичката сезона е неизвесно, сè уште не се знае дали ќе се вратат полските тур-оператори...

Осми март го најавува почетокот на туристичката сезона во Охрид. Овој празничен викенд градот е исполнет со гости, најмногу организирани групи од Србија и Црна Гора.

Гостите велат Охрид е атрактивна дестинација поради природните убавини, културното наследство, вкусната храна и поволните цени.

Добрата посетеност буди оптимизам кај туристичките работници. Но, сè уште е неизвесно дали оваа сезона ќе се вратат полските тур-оператори, кои со години носеа гости во Охрид, а лани ги откажаа летовите.

„Еден од најважните столбови во туризмот и за опстојување на сезоната и на туристичкиот сектор се чартерските програми. Моментално имаме линии од повеќе градови, но тие се сезонски и не функционираат во текот на целата година. Со редовните линии не доаѓа број на туристи како со чартерите. На еден чартер, речиси сите гости се сместуваат во хотелските или приватните капацитети, додека кај редовните линии тоа не е случај.“, вели Јаким Маленко туристички работник

Засега од охридскиот аеродром, согласно зимскиот ред на летање, до крајот на месецов се оперира до шест туристички дестинации. Туризмолозите велат, за посилна сезона клучно е воведувањето на нови чартер програми.

Соња Рилковска