Војната во Иран влезе во втора недела, експлозии го тресат Техеран
Американско-израелската војна против Иран влезе во втората недела со жестоки удари врз клучните воени цели во Техеран. Гранатиран и еден од двата најголеми аеродроми во земјата. Безусловна капитулација на Иран може да доведе до договор со САД, вели Трамп. Техеран одбива да се предаде. Иранскиот претседател им се извини на соседите и рече дека повеќе нема да ги напаѓа, но нешто подоцна Дубаи и Катар јавија за напади. По тврдењата дека Русија им дава разузнавачки информации на Иранците за американските позиции, Вашингтон со став – САД многу добро знаат кој со кого разговара.

Војната во Иран е во втора недела. Израел и САД жестоко напаѓаат. Експлозии го тресат Техеран. Израелски авиони фрлиле над 230 бомби врз клучни цели, уништувајќи фабрика за ракети и воена академија. Погоден и аеродромот Мехрабад, еден од двата најголеми во земјата.
„Го напаѓаме непријателот: неговото раководство, неговиот угнетувачки режим и разни цели, вклучувајќи ги и оние во Либан“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Американскиот претседател Трамп бара „безусловно предавање“ од Иран и лидер по мерка на САД, ако сакаат да постигнат договор.
„Нема да има договор со Иран освен БЕЗУСЛОВНА КАПИТУЛАЦИЈА! После тоа, и по изборот на одличен и прифатлив лидер-ние и многу од нашите прекрасни и храбри сојузници и партнери, ќе работиме неуморно за да го вратиме Иран од работ на уништување, правејќи го економски поголем, подобар и посилен од кога било досега. Иран ќе има одлична иднина. „направете го Иран повторно голем“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Техеран вети дека „никогаш нема да се предаде“. По реакции од земјите во Заливот за одмаздничките ирански напади на нивна територија, претседателот Пезешкијан им се извини на соседите и рече дека Иран нема да ги напаѓа освен ако не биде прв нападнат.
„Одлучивме дека нема да има нови ракетни напади врз соседните земји, освен ако нападот врз Иран не потекнува од нивна територија“, изјави иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.
Но, само неколку часа по ветувањето од Техеран, дронови удрија близу аеродромот во Дубаи, по што привремено беа суспендирани летовите. Катар јавува за пресретнати ракети, додека иранската револуционерна гарда ги напаѓа курдските сили во северен Ирак, а иранската гарда ги нападна курдски сили во северен Ирак и базата Ал-Дафра во Абу Даби.
По извештаите во медиумите дека Русија споделува разузнавачки информации со Иран што би можеле да му помогнат да ги таргетира американските воени цели во регионот, од Вашингтон велат-САД многу добро знае кој со кого разговара.
„Па, ние следиме сè. Нашите команданти се свесни за сè. Имаме најдобра разузнавачка служба во светот. Свесни сме кој со кого разговара и за што разговара. Затоа не сме загрижени за тоа. Единствените што треба да бидат загрижени во моментов се Иранците кои мислат дека ќе преживеат“, изјави Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.
По откритието за руска разузнавачка поддршка на Иран, американските служби тврдат дека и Кина може да учествува, нудејќи финансиска помош и воени компоненти.
Бојана Крстевски
