Крај на хаосот со паркингот на Клинички
Ќе се стави ли конечно крај на хаосот за паркинг во Клинички центар. Министерот за здравство Алиу и градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски, потпишаа договор. За почеток биле предвидени 500 паркинг места...

Потпишан е договор за закуп помеѓу градоначалникот на град Скопје Ѓорѓиевски и министерот за здравство Алиу со кој како што велат конечно ќе се стави крај на хаосот со паркингот во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека иако е сè поскапено, цените на паркинг местата во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе останат непроменети, односно ќе бидат исти како и досега.
Модернизиран и со нов систем за наплата преку кој точно би се вршела детекција на слободни места, а ќе може да се резервира и преку апликација, со што како што велат ќе се стави крај на нервозата кај граѓаните. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга со најмалку 500 места.
Двата монтажни паркинга ќе се градат кај Клиниката за гинекологија и на големиот простор кај малата црква, односно кај хелиодромот. Град Скопје е должен во следните 60 дена да достави акциски план за спроведување на активностите со конкретни рокови за имплементација.
Алиу претходно најави дека катна гаража ќе се гради и на местото на поранешната ковид – болница, до Инфективната клиника, но Ѓорѓиевски рече дека просторот засега ќе се уреди и ќе остане како опција за монтажна гаража во иднина. Доколку се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни станари, ќе се дозволи и таква опција.
Александра Спировска
