Оформен предмет за случајот во Тафталиџе
Седум години ќотек, закани, понижување трпела Ивана Јовановски која со детето в раце скокна од балкон во скопско Тафталиџе. Обвинителството отвори предмет против нејзиниот сопруг од кого сакала да се разведе. Осомничен е за телесни повреди, загрозување на сигурноста, наведување и помагање при самоубиство. Поради страв од бегство, влијание врз сведоци и опасност да стори ново кривично дело – Обвинителството бара да му се определи притвор. На потег е Кривичниот суд.

Години семејно насилство, малтретирање, тепање, понижување трпела скопјанката Ивана Јовановска која со детето в раце скокна од балкон во скопско Тафталиџе. За ова извести обвинителството од каде велат дека на сопругот му се заканува сериозна затворска казна, ако истрагата покаже дека првичните индиции се точни – дека освен ќотек, пцости и закани, ја наведувал и ѝ помогнал да се самоубие. Досегашната истрага покажува дека Ивана била негова жртва седум години, за што постојат очевидци и сведоци кои пред обвинителството раскажале дека насилникот не бирал место и начин за да ја повреди.
„Суровото и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во којшто живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место“, велат од обвинителството.
Критичниот ден осомничениот ја истепал сопругата близу местото каде што работела. Заканите продолжиле и додека се возеле кон Кривичниот суд каде пред друго лице во возилото и рекол дека ќе ја убие. Пред судската зграда повторно ја удирал нанесувајќи и модрици по главата и телото.
Трагедијата дошла подоцна. Парот заедно со уште едно лице кое е сведок во постапката, го зеле 6 годишното девојче од училиште. Ивана со детето се качиле во станот за да се спакуваат и да заминат кај мајка и. Додека сведокот и осомничениот за насилството ги чекале пред зградата, жената се заклучила во станот и од таму го извршила самоубиството, велат од обвинителството.
Анита Димитријевска – Велковска
