Влада

Мицкоски: Има доволно резерви на нафта

07.03.2026 18:23

„Има доволно нафта, граѓаните треба да бидат спокојни. Владата веднаш ќе интервенира ако има драматичен скок на цената“ изјави премиерот Мицкоски. Државните резерви се над 60 денови во однос на вкупната дневна потрошувачка...

Државните нафтени резерви се на историско највисоко ниво доволни за 62 дена, така што граѓаните треба да бидат спокојни дека на пазарот ќе има оптимални количества на нафтени деривати, вели премиерот Мицкоски на прашањето колку земјата е подготвена за енергетската криза во контекст настаните на Блискиот Исток. Премиерот Мицкоски посочи дека Владата максимално се грижи за стандардот на граѓаните, а доколку дојде до драматичен скок на цените на дериватите државата има механизми да интервенира преку намалување на акцизите или данокот на додадена вредност. Посочи дека во моментов во земјава има релативно најниски цени на горивата во споредба со земјите од регионот.

Во однос на нефер трговски практики кај одредени трговци кои вештачки прават залихи на производи, со цел да ги подигнат цените, премиерот Мицкоски вели дека државната комисија за заштита на конкуренција будно ја следи состојбата. Вели како влада глобите за трговците ги зголемиле речиси за десет до дваесет пати, така што во овој процес е вклучен и државниот пазарен инспекторат.

Премиерот Мицкоски се осврна и на економските состојби во државата при што истакна дека инфлацијата и цената на електричната енергија се држи под контрола. Премиерот Мицкоски вели-ние сме политичка гарнитура која не внесува страв кај граѓаните, туку ги предвидува предизвиците, нуди решенија за проблемите и креира поинаква атмосфера во општеството.

Игор Панов