Оглас за субвенции за гасификација во Куманово
Цената на природен гас во земјава засега останува иста, и покрај случувањата на Блискиот Исток. Од Куманово каде што е во тек грејната сезона со овој енергенс велат добавувачите располагаат со доволни количини за оваа сезона. Во тек е и оглас за субвенции за приклучок на мрежата.

Случувањата на Блискиот Исток веќе влијаат врз берзанските цени. Но цената на природен гас засега останува иста. Снабдувачите имаат доволни количини гас за до крајот на грејната сезона, а потрошувачката последниве денови поради високите температури веќе е намалена, информира првиот човек на Куманово гас.
„Има одредено покачување од околу 40 до 50 проценти на берзите, но сè уште е рано да се калкулира со точни цени, бидејќи тие се формираат на месечно ниво“, истакна Митровски.
Пред почетокот на војната во Украина цената се движеше од 25 до 30 денари, по што достигна и до 135 денари. Во последниве две години, се движи меѓу 55 и 65 денари. Надлежните очекуваат интересот за приклучување на гасоводна мрежа да расте, по новообјавениот оглас за субвенции, на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во износ од три милиони денари.
Субвенцијата изнесува до 30.000 денари по домаќинство. Ова е втор ваков повик на Владата. Првиот беше реализиран во 2023 година.
Субвенцијата тогаш ја искористија околу сто домаќинства од Куманово.
„Очекуваме сличен интерес и овој пат. Разликата е што сега има повеќе можности за субвенција за гасен котел, бидејќи дел од граѓаните претходно го направија приклучокот, но сè уште немаат инсталирано котел“, посочи Митровски.
Цената на приклучокот изнесува околу 78.000 денари. Општина Куманово обезбедува субвенција од 25.000 денари, а државната поддршка е до 30.000 денари.
Елена Георгиевска
