Ескалира конфликтот на Блискиот Исток
Американската амбасада во Норвешка е погодена од експлозија, без повредени и непознат сторител, додека војната на Блискиот Исток се разгорува. Нови напади го тресат Иран, Израел и САД ја засилуваат офанзивата врз енергетските ресурси, Техеран предупредува на борба со сета моќ. Напади се пријавени и во заливските земји, додека по инцидентите на Кипар, Италија ја испрати својата фрегата.

Иран гори – нов бран напади насочени кон енергетските ресурси во земјата. Израел удира по нафтените депоа како дел од следната фаза од војната. Вашингтон испраќа и трет носач на авиони во регионот како дел од стратегијата за преземање на контролата врз нафтените резерви на Иран.
„Имаме организиран план, со многу изненадувања за следната фаза од војната со Иран. Моментот на вистината се приближува. Нашиот успех не само што ќе донесе отстранување на нуклеарната закана за целиот свет, туку ќе донесе и драматично проширување на мировниот круг околу нас“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
САД и Израел се обидуваат да ја распаднат Исламската република реплицирајќи сценарио слично на Венецуела, но проблемот е што не го разбираат контекстот на Иран.
„Нивната перцепција беше дека ќе биде како Венецуела – ќе нападнат, ќе ја преземат контролата и ќе биде готово – но сега се заглавени“, рече Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Во истовреме Кувајт, Дубаи, Бахреин и Саудиска Арабија пријавуваат ирански напади. Има и жртва и повредени откако фрагменти од ракети и дронови се урнале врз цивилни објекти. Техеран соопшти дека „непријателот“ погрешно го протолкувал извинувањето на Иран до соседите и вети борба со сета моќ. Нагласија дека секоја точка што е потекло на агресија против Иран е легитимна цел.
„Ја напаѓаат нашата територија од сите правци и вршат агресија принудувајќи не да одговориме. Ќе застанеме со сета наша моќ да ја браниме нашата земја и нема да дозволиме ниту еден сантиметар да биде окупиран“, порача иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.
По одбивањето на Техеран за безусловно предавање, Вашингтон најави продолжена интензивна офанзива до целосен воен пораз на Иран, додека Израел продолжува со уништување на проиранските групи во Либан. Ветија дека новоизбраниот наследник на ајатолахот Хамнеи ќе биде нивната следна цел.
„Можеби нема ни да има кој да признае пораз бидејќи знаете нивното раководство веќе го имаме елиминирано многупати. Значи, или ќе се предадат, или нема да остане никој да каже се предаваме, во воена смисла ќе бидат целосно онеспособени“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Во истовреме, Американската амбасада во Осло е погодена од експлозија пред влезот во објектот. Норвешката полиција засега нема информации што точно се случило и кој би можел да биде вмешан во нападот.
„Темелно го пребаравме подрачјето да се осигураме дека нема други опасности за персоналот на амбасадата или луѓето што живеат во областа. Бараме сторители вклучени во инцидентот“, рече Микаел Делемир, раководител на Полициски округ Осло.
Ова е втор удар на европско тло откако ирански дрон ја нападна британската база на Кипар. Во обид да се заштити островот, Италија ја испрати својата фрегата.
„За да ја обезбедиме безбедноста на границите на ЕУ, распоредуваме италијанска фрегата на Кипар. Чин на европска солидарност, но пред сè, на превенција“, изјави Џорџија Мелони, премиерка на Италија.
Велика Британија, пак, размислува за распоредување носач на авиони, додека растат тензиите меѓу Вашингтон и Лондон. По последните обвинувања на Трамп кон премиерот Стармер дека се обидува да се приклучи во војни „откако САД веќе победиле“, британската министерка Купер одговори дека Лондон нема да ја препушта својата надворешна политика на други.
Бојана Крстевски
