„Не чекајте крв – постапете веднаш“, порака од маршот под мотото „Нема да не снема“
Под мотото „Нема да не снема“ граѓани и активисти маршираа на скопските улици со транспаренти „Не чекајте крв – постапете веднаш“ посочувајќи дека институционалното потфрлање, жените го плаќаат со живот. Маршот се одржа во чест на оние кои до крај се бореле за родовата еднаквост и рамноправност на половите, без дискриминација. Политичарите, пак, со уверување – системот ќе се реорганизира

Унапредување на женските права, превенција на семејното насилство и заштита на жртвите, побараа учесниците на осмомартовскиот марш одржан под слоганот „Нема да не снема“. Активистките со порака – институциите да не ги игнорираат повиците за помош на најранливите истакнувајќи дека еднаквите права и можности за жените се единствен предуслов за напредок на општеството.
Жените кои неправедно беа втурнати во смрт заслужуваат државата да ја исправи грешката, велат организаторите на маршот. На насилството во домот да му се пристапи системски, а прашањето да не се актуелизира само кога има фемицид.
Премиерот Мицкоски побара жртвите на насилство да не ги повлекуваат пријавите за да можат институциите да постапат.
Движењето ЗНАМ, пак, ќе бара реорганизација на системот и точно дефинирани надлежности.
Само во последните две недели МВР поднесе 21 кривична пријава за случаи на семејно насилство и пет пријави за родово базирано насилство при што судот определи пет мерки притвор.
Анита Димитријевска – Велковска
