Македонија

Мицкоски: Нема договор, нема преговори, нема центри за мигранти

08.03.2026 17:09

Власта категорична - нема договор, нема преговори и нема центри за мигранти. Премиерот Христијан Мицкоски обвинува дека со месеци се пласирала приказна без доказ, со единствена цел-да се создаде паника кај граѓаните. Од опозицијата возвраќаат – зад демантите се крие друга стратегија. Според нив, моделот „мигранти за пари“ се реализира преку нови квоти за странски работници и законски измени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција ја обвини опозицијата дека во изминатите месеци, ја изложувала јавноста на упорна и агресивна кампања дека државата тајно договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство.

„Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор од британската дипломатија директно, право во чело. Јавно и недвосмислено британскиот амбасадор кажа-таков договор не постои и никогаш не постоел“, изјави Христијан Мицкоски.

Мицкоски вели дека со ова паѓа целата конструкција на опозицијата. Обвини дека со месеци се пласирало приказна без ниту еден документ, доказ или официјална потврда. Мицкоски тврди дека ова било зашто СДСМ имале политичка желба да создадат паника кај граѓаните.

„Ова не е изолиран случај. Ова е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на СДСМ. Гледаме една иста шема која се повторува. Прво се фабрикува сензационална приказна, потоа се создава медиумска паника, а кога фактите ќе ја разобличат приказната темата едноставно исчезнува“, додаде Мицкоски.

И покрај ваквите тврдења на премиерот, СДСМ продолжи со низата соопштенија во кои изразува уверување дека тактиката „мигранти за пари“ се реализира преку „економски работници“.

„Дали е случајно што Владата на Мицкоски донесе одлука за нови 10.000 странски работници само во 2026 година, со што ги отвори вратите за така наречените „економски работници“. Многу е случајно тоа што власта го смени и Законот за странци, со кој ги олесни условите за доаѓање, престој и работа на „економски работници“ во Македонија, ги скрати процедурите, ги продолжи времетраењето на дозволите“, велат од опозицијата

Катерина Топалова