Моџтаба Хамнеи нов врховен лидер на Иран
Иран назначи нов врховен верски лидер. Синот на Али Хамнеи, Моџтаба Хамнеи е новиот ајатолах. Иранскиот лидер мора да добие одобрениe од САД, инаку нема да трае долго, порача американскиот претседател Трамп. Во меѓувреме, војната на Блискиот Исток се разгорува.

Продолжуваат судирите на Блискиот Исток, неколку часа откако Иран го именуваше Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер на земјата. Хезболах го поздрави изборот, за Вашингтон-неприфатлив. Трамп вели тој е лесна категорија-„нема долго да трае“ без одобрение од САД. Техеран со одговор-никој не може да се меша во нашите внатрешни работи.
„Не дозволуваме никој да се меша во нашите внатрешни работи. Изборот на нов лидер зависи од иранскиот народ, тоа е наша работа и ничија друга“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.
Нападите од Израел продолжија, војската жестоко удира во срцето на Иран. Се уништуваат и проиранските групи во Либан. Завршувањето на војната ќе биде „заедничка“ одлука со Нетанјаху-вели Трамп.
„Се бориме за победа. Ние ги поставуваме условите и ќе знаеме кога тие нема да бидат способни да се борат. Ќе има момент кога нема да имаат друг избор освен да се предадат“, изјави Пит Хегсет – секретар за одбрана на САД.
„Морнаричките трупи прецизно нападнаа во Бејрут, пет главни команданти на Либанскиот и Палестинскиот корпус на Исламската револуционерна гарда. Ова е група ирански архи-терористи кои цело време се обидуваа да ја нарушат безбедноста на Израел“, изјави Ефи Дефрин – портпарол на израелските одбранбени сили.
Техеран во одмаздничка мисија за уништените нафтени депоа, нападна врз енергетските ресурси во соседството. Саудсика Арабија и Бахреин јавуват за жртви и повредени, пожар избувна во нафтена постројка во Обединетите Арапски Емирати, активирана воздушната одбрана и пресретнати дронови во близина на американска база во Багдад. Напади регистрирани и во Катар. Ријад ја заострува реториката кон Иран.
„Кралството Саудиска Арабија ја осудува и најостро ја отфрла очигледната иранска агресија и грубото кршење на суверенитетот на ОАЕ, Бахреин, Катар, Кувајт и Јордан, и предупредува на сериозните последици. Ја повикуваме меѓународната заедница да ги осуди овие очигледни напади и да преземе цврсти мерки што се неопходни за справување со иранските прекршувања кои ја поткопуваат безбедноста и стабилноста на регионот“- објава на Mинистерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.
На итна деескалација и запирање на нападите повикаа и Русија и Обединетите Арапски Емирати, изразувајќи длабока загриженост за развојот на ситуацијата.
„Москва и Абу Даби сметаат дека е фундаментално важно да се обноват политичките и дипломатските напори за постигнување договор за сигурна и долгорочна безбедност во регионот“- објава на Министерството за надворешни работи на Русија.
И францускиот претседател Макрон во телефонски разговор со иранскиот колега побарал Иран веднаш да престане со нападите врз земјите во регионот и да гарантира слобода на пловидба во Ормутскиот теснец. Во меѓувреме цените на нафтата пораснаа на над 100 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години.
Бојана Крстевски
