Војната беснее, САД и Израел напаѓаат, Иран возвраќа
Подготвени сме за целосна послушност – револуционерната гарда му се заколна на верност на новиот Ајатолах, Моџтаба Хамнеи, син на Али Хамнеи. Трамп незадоволен од изборот, му порача дека нема долго да трае.

Продолжуваат судирите на Блискиот Исток, неколку часа откако Иран го назначи Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер на земјата. Хезболах го поздрави изборот, за Вашингтон – неприфатлив. Трамп вели тој е лесна категорија-„нема долго да трае“ без одобрение од САД. Техеран со одговор-никој не може да се меша во нашите внатрешни работи.
„Не дозволуваме никој да се меша во нашите внатрешни работи. Изборот на нов лидер зависи од иранскиот народ, тоа е наша работа и ничија друга“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Нападите од Израел продолжија, војската жестоко удира во срцето на Иран. Базата Басиџ погодена во Исфахан. Се уништуваат и проиранските групи во Либан. Завршувањето на војната ќе биде „заедничка“ одлука со Нетанјаху-вели Трамп.
„Се бориме за победа. Ние ги поставуваме условите и ќе знаеме кога тие нема да бидат способни да се борат. Ќе има момент кога нема да имаат друг избор освен да се предадат“, нагласи Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
„Морнаричките трупи прецизно нападнаа во Бејрут, пет главни команданти на Либанскиот и Палестинскиот корпус на Исламската револуционерна гарда. Ова е група ирански архи-терористи кои цело време се обидуваа да ја нарушат безбедноста на Израел“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелските одбранбени сили.
По уништените нафтени депоа, Иран со одмазднички напади врз енергетски цели во соседството. 32-ца повредени во Бахреин, пријавени жртви во Саудиска Арабија. Манама ги прекина испораките на нафта и прогласи виша сила, Ријад со заострена реторика кон Техеран.
„Кралството Саудиска Арабија ја осудува и најостро ја отфрла очигледната иранска агресија и грубото кршење на суверенитетот на ОАЕ, Бахреин, Катар, Кувајт и Јордан. Ја повикуваме меѓународната заедница да преземе цврсти мерки за справување со иранските прекршувања кои ги поткопуваат безбедноста и стабилноста на регионот“, објави Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.
На итна деескалација и запирање на нападите повикаа Русија и Обединетите Арапски Емирати.
„Москва и Абу Даби сметаат дека е фундаментално важно да се обноват политичките и дипломатските напори за постигнување договор за сигурна и долгорочна безбедност во регионот“, објави Министерството за надворешни работи на Русија.
Франција бара Иран веднаш да престане со нападите и да гарантира слобода на пловидба во Ормускиот теснец блокиран од Техеран низ кој минуваат околу 20 насто од светските пратки на нафта и гас.
Бојана Крстевски
