Статистика

Инфлацијата во февруари зголемена за 0,2 проценти на месечно ниво, годишно 2,9%

09.03.2026 15:23

Трошоците на животот во февруари годинава бележат благ раст од 0,2 проценти во однос на јануари, додека на годишно ниво инфлацијата изнесува 2,9 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари во однос на јануари 2026 година изнесува 0,2 проценти, објави Државниот завод за статистика. Индексот на цените на мало во истиот период изнесува 99,7.

Според статистичките податоци, трошоците на животот во февруари 2026 година, споредено со истиот месец лани, се зголемени за 2,9 проценти, додека индексот на цените на мало бележи раст од 1,6 проценти.

На месечно ниво, најголемо зголемување на трошоците на животот е забележано кај услугите за образование, за 4 проценти. Раст има и кај облеката и обувките за 1,1 процент, личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги за 0,9 проценти, како и кај рекреацијата, спортот и културата и алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците за 0,3 проценти. Зголемување од 0,2 проценти е регистрирано и кај домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива, како и кај храната и безалкохолните пијалаци.

Од друга страна, намалување на трошоците на животот во февруари во однос на јануари е евидентирано во транспортот за 0,8 проценти, здравствената заштита за 0,6 проценти, покуќнината и опремата за домаќинствата за 0,5 проценти, како и во информациите и комуникациите за 0,2 проценти и кај рестораните и услугите за сместување за 0,1 процент.

Во групата осигурување и финансиски услуги, трошоците на животот останале на исто ниво како и во претходниот месец.