Статистика

Во јануари издадени 256 одобренија за градење – бројот намален за 19,2 проценти

09.03.2026 18:44

Во јануари годинава се издадени 256 одобренија за градење, што е за 19,2 проценти помалку во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Предвидена е изградба на 618 станови со вкупна површина од над 54 илјади квадратни метри.

Во јануари годинава се издадени 256 одобренија за градење, што претставува намалување од 19,2 проценти во однос на истиот месец од минатата година, објави Државниот завод за статистика.

Според податоците, најголем дел од одобренијата – 160 или 62,5 проценти – се наменети за објекти од високоградба, 31 одобрение (12,1 проценти) се за нискоградба, додека 65 одобренија (25,4 проценти) се за реконструкција.

Во извештајниот период е предвидена изградба на вкупно 618 станови со вкупна корисна површина од 54.359 квадратни метри. Најголем број станови се планирани во Скопскиот Регион – 288, потоа во Југозападниот – 173 и во Полошкиот – 59.

Најмногу одобренија за градење се издадени во Полошкиот Регион – 64, по што следуваат Југоисточниот со 50, Скопскиот со 34 и Пелагонискиот со 31 одобрение.

Според издадените одобренија, предвидената вредност на објектите изнесува 4.325.219.000 денари, што е за 25,1 процент помалку во однос на јануари минатата година.

Од вкупниот број одобренија, кај 155 објекти (60,5 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 101 објект (39,5 проценти) инвеститори се деловни субјекти.