Предлог-законот за Јавно обвинителство оди на јавна расправа
Пратениците си подадоа рака. Новиот Предлог – закон за јавното обвинителство, дел од реформската агенда, ќе оди на јавна расправа. Целта е да се слушнат и експертските мислења.

Преку јавна расправа за Предлог-законот за Јавно обвинителство ќе се лекува рак-раната на општеството – правосудниот систем, посочи претседателот на Комисијата за политички систем и односи со заедниците, Љупчо Пренџов. Одлуката е поддржана од сите членови на Комисијата.
Со измените во овој закон, кој е дел од реформскиот пакет, ќе се овозможи пообјективно одлучување, забрзување на процесирањето на предметите, како и зголемување на довербата во јавното обвинителство, очекуваат пратениците.
Во текот на неделава ќе се одржи јавната расправа, на која треба да учествуваат претставници од фелата, експерти, професори.
Пратениците очекуваат преку дијалог да се стигне до подобри амандмански предлози. Измените го поминаа и филтерот на Венецијанската комисија.
Марина Стојанова-Тонева
