Иран

Војната беснее, Иран има нов ајатолах

09.03.2026 17:53

Подготвени сме за целосна послушност – револуционерната гарда му се заколна на верност на новиот ајатолах, Моџтаба Хамнеи, син на Али Хамнеи. Трамп е незадоволен од изборот, порача дека нема долго да трае. Војната на Блискиот Исток беснее, САД и Израел напаѓаат, Иран возвраќа.

Одбранбениот систем на НАТО собори уште една иранска балистичка ракета над Турција. САД ги советуваа граѓаните да го напуштат југоисточниот дел. И ОАЕ и Катар објавија пресретнување на ирански проектили. По уништените нафтени депоа, Техеран почна одмазднички напади врз енергетски цели во соседството. Десетици повредени во Бахреин, пријавени жртви во Саудиска Арабија. Израел пак, вели дека успешно напаѓа три дела од Иран, а истовремено ги таргетира и проиранските групи во Либан.

„Се бориме за победа. Ние ги поставуваме условите и ќе знаеме кога тие нема да бидат способни да се борат. Ќе има момент кога нема да имаат друг избор освен да се предадат“, изјави Пит Хегсет – секретар за одбрана на САД.

„Морнаричките трупи прецизно нападнаа во Бејрут, пет главни команданти на Либанскиот и Палестинскиот корпус на Исламската револуционерна гарда. Ова е група ирански архи-терористи кои цело време се обидуваа да ја нарушат безбедноста на Израел“, изјави Ефи Дефрин – портпарол на израелските одбранбени сили.

Иран го назначи Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер на земјата син на ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во американско-израелските напади. Трамп вели дека изборот нема долго да трае без одобрение од САД.

„Не дозволуваме никој да се меша во нашите внатрешни работи. Изборот на нов лидер зависи од иранскиот народ, тоа е наша работа и ничија друга“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.

Земјите на Г7 на итен состанок поради растот на цените на нафтата. Од ЕУ велат дека нема јасна траекторија за тоа како ќе заврши војната.

„Воените капацитети на Иран се ограничени, а режимот е послаб отколку што бил досега. Но, нема јасна траекторија како ќе заврши оваа војна“, изјави Каја Калас – потпретседателка на Европската комисија.

Ормускиот теснец низ кој минуваат околу 20 насто од светските пратки на нафта и гас останува блокиран од Техеран.

 

Маријана Димовска