МВР: Внатрешната контрола постапува за трагедијата во скопско Тафталиџе
Активирана внатрешната контрола на МВР за трагедијата во скопско Тафталиџе, каде пред една недела, 31 – годишната Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја загинаа по пад од шестиот кат на зградата каде што живееја. Се проверува како полициските службеници постапувале по поднесените пријави за семејно насилство...

Продолжува истрагата за мајката и шестгодишната ќерка кои пред една недела го загубија животот при пад од балкон од зграда во Тафталиџе. Внатрешната контрола при МВР врши разговори со полициските службеници кои постапувале по 10-те пријави за семејно насилство, се утврдува дали кај нив има евентуална кривична одговорност. Насилството го пријавувала и починатата и соседите.
„Во врска со предметниот настан постапката е во тек. Во координација со надлежното јавно обвинителство се преземаат сите потребни мерки и активности. Истовремено, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во рамките на своите законски надлежности“, соопштија од МВР.
Во билтенот на МВР и денеска случај на семејно насилство. Лишен од слобода 39 – годишен гостиварец, бидејќи физички ја нападнал сопругата. На празникот на жената пријави за инциденти поврзани со семејно насилство регистрирани и во Скопје, Росоман, Виница.
„Трагичниот настан минатата недела ни покажа дека достоинството и безбедноста не се гарантирани за многубројни жени и девојчиња, а институциите и општеството во целина мора да обезбедат превенција и заштита, рака под рака со отчетност“, изјави Бен Нупнау – заменик-амбасадор на ЕУ во Македонија.
Според Обвинителство, осомничениот Стојанче Јовановски, седум години физички и психички ја малтретирал Ивана. Нападите се интензивирале последниве две години поради што Ивана се нашла во безизлезна ситуација и се одлучила на самоубиство. Нему му се заканува сериозна затворска казна ако истрагата покаже дека првичните индиции се точни.
Андријана Ѓурческа
