Случај „Пулс“

Ново рочиште за кобниот пожар во „Пулс“

09.03.2026 16:36

Во големата судница во затворот „Идризово“, ново рочиште за пожарот во „Пулс“, во пресрет на одбележувањето на првата годишнина од трагедијата. Се слушнаа сведоштва дека групата ДНК редовно користела пиротехника на настапите, и оти инцидент со пожар имало и претходно во Гевгелија. Обвинителот дециден – луѓето загинаа зашто немаа каде да бегаат.

Прскалките кои кобната вечер биле активирани во „Пулс“ најверојатно биле купени на Бит Пазар. Ова го тврди сопственик на продавница за опрема за сценски настапи кој пред 3 години им продал прскалки на Панчо и Буцо од ДНК.

Сведокот рече дека топлите прскалки биле повеќекратно поевтини од ладните, а тие што своевремено ги продал на групата, биле кинески, купени на пазар во Софија.

„Топлите фонтани ги купив од пазарот „Илиенци“ во Бугарија, за да им презентирам на муштериите како работат. Ги продавав за 500 денари, додека на интернет и на пазар се продаваат по цена од 300 денари. Од видеото што го видов, прскалките што се употребени во „Пулс“ имаа домет над три метри, а такви се продаваат на Бит Пазар“, изјави Горан Игновски – сведок.

Сведокот кажа дека претходно пожар од прскалки избувнал и при настап на ДНК во клубот „Де факто“ во Гевгелија. Човекот што изнајмил звучници на бендот му кажал дека се запалило платно и звучник.

Искази дадоа уште тројца сведоци на обвинителството. Сметководителката и вработен во агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и вработена во Дирекцијата за заштита и спасување.

Анита Димитријевска - Велковска