Блиски Исток

Трамп: Војната во Иран може да заврши многу скоро

10.03.2026 08:14

Неочекуван пресврт, нафтата падна под 90 долари, откако американскиот претседател Трамп, војната во Иран ја нарече „прилично завршена“. Додека САД се обидуваат да го обноват протокот на нафта, Техеран ја чека американската флота во теснецот. Негираат дека војната е при крај …

Глобалните цени на нафтата паднаа под 90 долари за барел откако министрите за финансии на Г7 најразвиени земји објавија дека доколку е потребно ќе ослободат нафта од стратешките резерви.

„Она за што се согласивме е да ги користиме сите потребни алатки, доколку е потребно, за стабилизирање на пазарот, вклучително и потенцијалното ослободување на потребните залихи. Работата ќе продолжи во следните неколку дена“, изјави Ролан Лескир, министер за финансии на Франција.

Падот на цените на нафтата доаѓа и под влијание на изјавите на американскиот претседател Трамп кој рече дека целите во Иран се речиси исполнети и војната би можела наскоро да заврши. Тој упати закана до Техеран дека ќе се соочат со уште пожестоки напади ако го попречат сообраќајот во Ормутскиот теснец.

„Мислам дека војната е речиси завршена. Сè што имаа е исчезнато, вклучително и нивното лидерство. Многу сме пред нашата почетна временска рамка. Додека ја продолжуваме операцијата се фокусираме и на одржување на протокот на енергија и нафта во светот. Нема да дозволам терористичкиот режим да го држи светот како заложник, а ако го сторат тоа, ќе бидат уште потешко погодени“, изјави Доналд Трамп,  претседател на САД.

Додека САД се обидуваат да го обноват протокот на нафта, Техеран предупреди дека вооружените сили ја чекаат американската флота во теснецот. Негираат дека војната е при крај и велат дека ќе се борат колку што е потребно.

„Тоа е еден од лажните наративи што ги произведува владата на САД. Иранската војска е силна. Го имаат оружјето што им е потребно-произведено во Иран, не сме зависни од која било друга земја за оружје и вооружување. Подготвени сме за долга војна. Не гледаме простор за дипломатија“, изјави Камал Харази, советник за надворешна политика во канцеларијата на Врховниот лидер.

Во меѓувреме, продолжија нападите низ Иран. Хезболах вели дека ќе продолжи да се брани од израелските напади по секоја цена додека Тел Авив ги таргетира милитантите во Либан.

„Воздухопловните сили продолжија да напаѓаат цели на иранскиот режим, во Техеран, Исфахан и јужен Иран. Во последните десет дена, го нападнавме иранскиот терористички режим и го поткопавме. Од почетокот на операцијата, елиминиравме над 1.900 војници и команданти на режимот и ранивме уште илјадници други“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на Израелските одбранбени сили.

Директорот на МААЕ Гроси, тврди дека половина од збогатениот ураниум на Иран се наоѓа во складишта во Исфахан кои се во голема мера останати неоштетени по бомбардирањето. Во истовреме, Кувајт и Саудиска Арабија повторно јавуваат за пресретнати ирански дронови и ракети.

 

Бојана Крстевски