Националниот џез оркестар со концерт под диригентство на Мајк Холобер на 18 март

10.03.2026 10:49

Националниот џез оркестар на 18 март со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе одржи концерт под диригентство на американскиот џез композитор и аранжер Мајк Холобер. На концертот ќе биде изведен неговиот најнов проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“.

Националниот џез оркестар на 18 март во Националната опера и балет ќе го изведе проектот „This Rock We’re On: Imaginary Letters“ на американскиот композитор и диригент Мајк Холобер.

Националниот џез оркестар на 18 март со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе одржи концерт под диригентство на американскиот џез композитор и аранжер Мајк Холобер. На концертот ќе биде изведен неговиот најнов проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“.

Како што информираат организаторите, станува збор за дело кое е оценето како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во него Холобер создава спој на два музички света, комбинирајќи ја естетиката на современата класична музика со енергијата на биг бендот.

Проектот е замислен како циклус од „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои со своето дело ја истакнувале убавината на природата и грижата за планетата. Секое „писмо“ е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува неговата поетска содржина.

На концертот како солисти ќе настапат Андријана Јаневска на вокал, Кирил Јосифов на виолончело и Влатко Нушев на вибрафон и перкусии.

Од Националниот џез оркестар посочуваат дека концертот претставува ретка можност публиката во живо да ја доживее комплексноста на проектот на Холобер, под негово диригентство и во изведба на домашниот оркестар со специјални гости.