Ревизија: „Колекторски систем – Скопје“ со долгови од над 8 милиони евра и без дозвола за работа
Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности во работењето на ЈП „Колекторски систем – Скопје“, меѓу кои работа без дозвола, фактурирање на само третина од пречистената вода и блокирана сметка.
ЈП „Колекторски систем – Скопје“ повеќе од 35 години работи без дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за 2024 година.
Ревизорите утврдиле сериозни неправилности, поради што е дадено неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законската регулатива.
Според извештајот, во 2024 година биле фактурирани само 33 проценти од пречистената вода. Од 11,3 милиони кубни метри испуштена вода, фактурирани се околу 3,7 милиони кубни метри.
Претпријатието има и сериозни финансиски проблеми – вкупните обврски изнесуваат 493 милиони денари, односно над осум милиони евра, а сметката му е блокирана уште од основањето.
Ревизијата укажува на потреба од план за финансиска стабилизација и мерки за подобрување на наплатата и одржливоста на работењето.
