Цената на нафтата падна под 90 долари за барел
Глобалните цени на нафтата бележат пад откако земјите од Г7 најавија можност за ослободување на нафта од стратешките резерви за стабилизирање на пазарот. Во меѓувреме, САД и Израел продолжуваат со воените операции против Иран, додека Техеран се заканува со одговор и предупредува на можни тензии во Ормускиот теснец.

Глобалните цени на нафтата во пад откако министрите за финансии на групата седум најразвиени земји објавија дека доколку е потребно ќе ослободат нафта од стратешките резерви.
„Она за што се согласивме е да ги користиме сите потребни алатки, доколку е потребно, за стабилизирање на пазарот, вклучително и потенцијалното ослободување на потребните залихи. Работата ќе продолжи во следните неколку дена“, изјави Ролан Лескир – министер за финансии на Франција.
Паралелно влијаеа и изјавите на американскиот претседател Трамп кој рече дека целите во Иран се речиси исполнети и војната би можела наскоро да заврши. Тој му се закани на Техеран со уште пожестоки напади ако ја попречат пловидбата во Ормускиот теснец и најави укинување на нафтените санкции за земјите, погодени од растечките цени.
„Мислам дека војната е речиси завршена. Сè што имаа е исчезнато, вклучително и нивното лидерство. Многу сме пред нашата почетна временска рамка. Додека ја продолжуваме операцијата се фокусираме и на одржување на протокот на енергија и нафта во светот. Нема да дозволам терористичкиот режим да го држи светот како заложник, а ако го сторат тоа, ќе бидат уште потешко погодени. Исто така, се откажуваме од одредени санкции поврзани со нафтата за да ги намалиме цените“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Додека САД се обидуваат да го обноват протокот на нафта, Иранската револуционерна гарда соопшти дека низ Ормускиот теснец слободно ќе можат да се движат само земјите што ќе ги протераат израелските и американските амбасадори. Техеран, пак, се закани дека ќе ја чека американската флота во теснецот и ќе се борат докрај, негирајќи дека војната е во завршна фаза.
„Тоа е еден од лажните наративи што ги произведува владата на САД. Иранската војска е силна. Го имаат оружјето што им е потребно-произведено во Иран, не сме зависни од која било друга земја за оружје и вооружување. Подготвени сме за долга војна. Не гледаме простор за дипломатија“, изјави Камал Харази -советник за надворешна политика во канцеларијата на Врховниот лидер.
Во меѓувреме, продолжија нападите низ Иран. Хезболах вели дека ќе продолжи да се брани од израелските напади по секоја цена додека Тел Авив ги таргетира и милитантите во Либан.
„Нашата аспирација е да му овозможиме на иранскиот народ да се ослободи од јаремот на тиранијата; на крајот на краиштата, тоа зависи од нив. Нема сомнение дека преку досега преземените активности, им ги кршиме коските и сè уште сме активни“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Директорот на МААЕ Гроси, тврди дека половина од збогатениот ураниум на Иран се наоѓа во складишта во Исфахан кои се во голема мера останати неоштетени по бомбардирањето. Во истовреме, Заливските земји повторно јавуваат за пресретнати ирански дронови и ракети.
Бојана Крстевски
