Македонија лидер во регионот во иновативност

14.09.2014 16:27

Според светските показатели, Македонија е иновативна земја, пред другите во регионот. Но дали и колку ги заштитуваме брендовите и патентите. Ни треба поттикнување и олеснување на постапките за заштита на индустриската сопственост.

Македонија е иновативна. Според Светската организација за интелектуална сопственост го заземаме високото 51 место од 142 земји, најдобри во регионот.

Живко Ширкоски 30 години работи на новите идеи. Патентирал пет пронајдоци- три од цивилната, два од воената сфера со примена во земјава и странство.

„Целта на секој пронајдувач е да остави нешто зад себе, за општеството и воопшто за човештвото, вели Живко Ширкоски, пронаоѓач.

Дали доволно се заштитуваат брендовите и пронајдоците? Патентите и заштитата на индустриската сопственост се една од можностите за поголем извоз и развој на претприемништвото, сметаат стопанствениците. Искуствата покажуваат дека заштитата кај нас не ретко е долг процес кој го забавува извозот.

„Мора да се забрза овој процес од причини што во последно време се повеќе и повеќе излегуваат такви патенти од Македонија кои би можеле да бидат интересни за производство не само во овие простори. Може да бидат интересни и за производство во Европа“, вели Ирена Јакимоска, менаџер.

Заштитата на брендовите или ребрендирањето е од суштинска важност. Некои компании и по 20 години работење можеби не мислеле дека ќе имаат потреба од тоа.

„Денеска се гледа дека е тоа нужна потреба, затоа што може да ни се случи лесно нашиот Ајвар да го јадеме под името Ајвер и многу други симптоматични појави“, вели Мендерес Кучи, Стопанска комора на северозападниот регион на Македонија.

Отворањето канцеларија, во случајот во Тетово за заштита на индустриската сопственост на компании од северозападниот регион на земјава во соработка и со Албанија треба да е прв чекор.

„Овде ќе работи експерт кој ќе дава совети на фирмите кои се заинтересирани за заштита на марките и патентирање на своите производи“, вели Мируше Џеладини, експерт.

Ако Македонија е иновативна земја, а поднебјето нуди оригинални производи, светот треба да знае дека земјата нив одговорно ги заштитила.

Елизабета Митреска