Нема потреба од прогласување на кризна состојба – оценува премиерот Мицкоски
Цената на дизелот во Македонија е најниска во регионот – очекуваме притисок, но имаме доволно количини горива – смирува премиерот Мицкоски. Тој утре ќе има средба со супер и хипермаркетите – ќе бара да не се користи ситуацијата за неоправдано зголемување на цените. Во спротивно, ќе следуваат мерки. Пазарните инспектори веќе тргнаа во контроли за да се спречи некој да ќарува на грбот на граѓаните...

Нема потреба од прогласување на кризна состојба – оценува премиерот Христијан Мицкоски. Уверува, нафта и нафтени деривати има доволно и со поевтини цени отколку во соседството. Очекува притисокот да се зголеми, стравот на граѓаните вели тој е разбирлив. Тоа што неколку бензински станици во земјава останале без гориво е поради зголемената потрошувачка од граѓаните од соседството кои точат бензин кај нас. Во рок од неколку часа недостатокот бил надоместен.
Опозициската СДСМ обвинува – Владата профитира. Од партијата посочуваат и по падот на цената на нафтата на светските берзи, кај нас цените на горивата растат.
Состојбата со снабдувањето и цените на нафтените деривати го покажа целосниот неуспех на владата да управува и да ги ублажи последиците од кризата која беше најавувана со недели – оценуваат интегративците.
„Овие случувања беа најавувани со недели. Владата имаше доволно време да планира и да преземе превентивни мерки. Сепак, денес граѓаните се соочуваат со недостиг, неизвесност и раст на цените, додека институциите кои треба да реагираат остануваат пасивни“, велат од ДУИ.
Освен засилени контроли на Државниот пазарен инспектор, други поригорозни мерки не се планирани во моментов – истакна премиерот.
Предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ како мерка за стабилизацијата на цените на горивото, премиерот Мицкоски сметаше дека нема потреба да коментира.
Марина Стојанова-Тонева
