Ненад Савески предложен за нов јавен обвинител
Ненад Савески, судија од Кривичниот суд, е предлогот на Владата за нов државен јавен обвинител. На потег е Собранието да го направи конечниот избор...

Судијата Ненад Савески, е владиниот предлог за нов државен јавен обвинител. Пред официјалното преземање на функцијата, изборот на Савески треба да биде потврден и со мнозинство од 61 глас во Собранието. Владата ја донесе оваа одлука по, како што рекоа од таму, сеопфатната, конструктивна и аргументирана дискусија, а водејќи се од принципите на професионалност, интегритет и стручност.
Освен Савески, кандидати за иден државен јавен обвинител беа и досегашната вршителка на должноста Анита Тополова Исајловска, обвинителката Лидија Раичевиќ и поранешната специјална јавна обвинителка Ленче Ристовска.
Иако на огласот распишан од Собранието во јануари годинава, првично се пријавија петмина кандидати, Советот на јавни обвинители го дисквалификуваше поранешниот судија Владимир Панчевски. Савески, пак, доби позитивно мислење и од сите десетмина членови на Советот.
Претходникот на Савески, Љупчо Коцевски, си даде оставка во декември минатата година, односно на истиот ден кога македонското Собрание требаше да решава за негово разрешување.
Марија Котовска
