Инспекциски проверки да се спречи неоправдано поскапување
Премиерот Мицкоски утре ќе има средба со супер и хипермаркетите – ќе бара да не се користи ситуацијата за неоправдано зголемување на цените. Во спротивно, ќе следуваат мерки. Пазарните инспектори веќе тргнаа во контроли за да спречат некој да ќарува на грбот на граѓаните.

Растот на цената на нафтата ги активираше инспекторите. Пазарна веќе е на терен – се контролираат маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна. Под лупа е секое поскапување, но се проверува и дали некој ја злоупотребува ситуацијата за екстра профит. Таму каде законот не се почитува, ќе следуваат казни.
Фер однос кон граѓаните очекува и премиерот Мицкоски кој најави дека ќе седне на заедничка маса со големите ланци маркети за да им ја пренесе пораката за општествена одговорност. Ако немаат слух за притисокот со горивата, владата ќе интервенира со мерки.
Последните податоци покажуваат дека инфлацијата минатиот месец изнесувала 2.9 насто. Најмногу поскапеле земјоделските производи за 3,4 проценти.
Кога горивата поскапуваат, по правило поскапува сè друго. Инспекторите вршат проверки, но вистинскиот тест се рафтовите во маркетите. Таму најбрзо се гледа дали кризата е реална или се користи како причина за нов бран поскапувања.
Анита Димитријевска - Велковска
