Уапсен наставник од средното уметничко училиште во Скопје за сексуално вознемирување на ученичка
Уапсен наставник од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, вознемирувал 18-годишна ученичка од која барал да имаат сексуални односи. Суспендиран е од работа …

Професор сексуално вознемирувал ученичка во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. И барал да имаат полови односи. Полицијата го уапси и ќе му поднесе кривична пријава. Случајот кај директорот минатата недела го пријавил класниот раководител – професорот е суспендиран, ќе има и дисциплинска постапка. Освен оваа ученичка, и други девојчиња од училиштето пријавиле дека ги вознемирувал, вели директор.
„Во мојата канцеларија дојде класниот раководител на засегнатите ученички. Јас веднаш ги примив на разговор и откако ми соопштија за што станува збор веднаш се јавив во полиција и веднаш го пријавив настанот. Полицијата испрати двајца полицајци кои дојдоа во училиштето и пријавата ја преземаа соодветни инспектори“, Димитар Филиповски – директор на ДСУЛД „Лазар Личеноски“.
Полицијата го уапси професорот.
„На 9 март во 17:30 часот, полициски службеници од СВР-Скопје лишија од слобода 52-годишен маж од Скопје, наставник во средно училиште на подрачјето на општина центар“, велат од МВР.
Од уметничкото училиште посочуваат дека претходно за професорот немало пријави за сексуално вознемирување.
Професорот сексуално ја вознемирувал 18 годишната ученичка во период од 25 февруари до 2 март. По целосно расчитување на случајот, од полицијата велат против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Андријана Ѓурческа
