Блиски Исток

САД разработуваат опции за безбедна пловидба

11.03.2026 08:08

Американските сили уништија повеќе ирански воени бродови, кои поставувале мини во Ормускиот теснец, додека Вашингтон разгледува нови воени опции. Тензиите дополнително растат – Иран продолжува со напади врз Израел и земјите од заливот, а израелската операција во Либан се интензивира...

Американските сили погодиле и целосно уништиле 16 ирански пловила кои поставувале мини во Ормускиот Теснец. Војската разработува дополнителни опции по директива на претседателот Трамп, доколку биде потребно, морнарицата, да ги придружува танкерите што минуваат низ оваа клучна поморска рута. Белата куќа објави дека испратиле пораки до Русија дека не би биле задоволни ако соработуваат со Иран. Москва уверува дека не споделува разузнавачки информации со Техеран.

„Иранскиот режим лажеше, ги мамеше Соединетите Американски Држави, очигледно обидувајќи се да ја продолжи својата нуклеарна програма за да создаде бомба што, секако, би ги загрозила САД. Повторно, нивниот арсенал на балистички ракети, тие брзо и агресивно го зголемуваа секој месец до точка каде што во суштина би изградиле имунитет за себе, каде што идниот претседател или претседателот Трамп нема да може да ја почне оваа неверојатно успешна операција“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Иран ги продолжи нападите врз Израел и земјите од Заливот, а лидерите ја отфрлија можноста за разговори и му се заканија на Трамп. Во исто време продолжува и израелската операција во Либан. Владата на Нетанјаху го зголемува државниот буџет за финансирање на војната.

„Водиме кампања против суров непријател кој сака да не уништи. Ги уништивме нивните нуклеарни и балистички капацитети. Наместо да ја научат лекцијата, тие се обидоа да ги обноват и да ги закопаат длабоко под земја на таков начин што повеќе не можевме да ги таргетираме. Моравме да се впуштиме во оваа кампања и дејствуваме со зголемена енергија заедно со нашите херојски војници и пилоти“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации повторно упати критики до Советот за безбедност дека молчат за војната на САД и Израел против Иран.

„Советот ги затвора очите пред овие сериозни прекршувања, и покрај неговата примарна одговорност според Повелбата на Обединетите Нации да одржува меѓународен мир и безбедност“, изјави Амир Саид Иравани, амбасадор на Иран во ООН.

Британскиот разурнувач се упати кон источниот Медитеран, потврди Кралската морнарица. Британската влада изминатата недела го објави распоредувањето откако базата во Кипар беше цел на напади со беспилотни летала. Распоредувањето на бродот доаѓа по критиките за бавниот одговор на британските вооружени сили, додека некои европски земји веќе ги испратија своите воени бродови во областа.

Маријана Димовска