Иран

САД уништија ирански пловила, конфликтот се шири во регионот

11.03.2026 14:42

САД елиминираа ирански пловила кои поставуваат мини во Ормускиот теснец. Американскиот претседател разработува план за безбедна пловидба низ оваа важна поморска рута. Воените дејствија продолжија во Иран, Израел, Либан и земјите од заливот. Иранските лидери им се заканија на антивладините демонстранти да не помислуваат да протестираат. Откако Путин се понуди да посредува во решавање на кризата, Москва уверува дека не споделува разузнавачки информации со Техеран.

Американската војска соопшти дека елиминирале 16 ирански пловила кои поставувале мини во Ормускиот Теснец. Во меѓувреме и два комерцијални брода беа оштетени од непознати проектили во областа. Претседателот Трамп подготвува дополнителни опции да ја задржи важната поморска рута отворена. Белата Куќа уверува дека скокот на цените на нафтата и гасот како резултат на војната е привремен и очекуван и ќе резултира со пониски цени на долг рок.

„Откако целосно ќе се постигнат целите на операцијата „Епски бес“, Американците ќе видат како цените на нафтата и гасот брзо паѓаат, потенцијално дури и ќе бидат пониски отколку што беа пред почетокот на операцијата. И ќе живееме во свет каде што Иран повеќе нема да може да им се заканува на САД или на нашите сојузници со нуклеарна бомба“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Откако Путин се понуди да биде посредник за решавање на кризата, САД добиле уверување од Русија дека не соработуваат и не споделуваат разузнавачки информации со Техеран.

„Знаете, можеме да им веруваме на збор. Но, тие го кажаа тоа. Тоа е подобро прашање за луѓето од разузнавањето, но да се надеваме дека не споделуваат“, изјави Стив Виткоф, специјален претставник на САД

Иран ги продолжи нападите врз Израел и земјите од Заливот. Москва објави дека со граната бил погоден рускиот конзулат во Исфахан. Шефот на иранската полиција ги предупреди Иранците да не излегуваат на антивладини протести бидејќи ќе постапат на ист начин како со непријателот. Иранскиот амбасадор во Обединетите нации повторно упати критики до Советот за безбедност.

„Исламската Република Иран остро го осудува ова кукавичко злосторство. Сите сторители мора целосно да бидат одговорни. Длабоко е жално што Советот за безбедност продолжува да молчи. Советот ги затвора очите пред ова сериозно кршење, и покрај неговата примарна одговорност според Повелбата на Обединетите Нации за одржување на меѓународниот мир и безбедност. Наместо тоа, некои членови на Советот се обидуваат да ги променат улогите и позицијата на жртвите и агресорите“, изјави Амир Саид Иравани, амбасадор на Иран во ООН.

Во исто време продолжува и израелската операција во Либан. Владата на Нетанјаху го зголемува државниот буџет за финансирање на војната.

„Водиме кампања против суров непријател кој сака да не уништи. Ги уништивме нивните нуклеарни и балистички капацитети. Наместо да ја научат лекцијата, тие се обидоа да ги обноват и да ги закопаат длабоко под земја на таков начин што повеќе не можевме да ги таргетираме. Моравме да се впуштиме во оваа кампања и дејствуваме со зголемена енергија заедно со нашите херојски војници и пилоти“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Британскиот разурнувач се упати кон источниот Медитеран, потврди Кралската морнарица. Распоредувањето следува откако базата во Кипар беше цел на напади со беспилотни летала. Лондон се соочи со критики за бавниот одговор од британските вооружени сили, додека некои европски земји веќе испратија воени бродови во областа.

 

Маријана Димовска