мвр

Ставревски на министерскиот состанок на Салцбуршкиот форум

11.03.2026 10:53

На овогодинешниот министерски состанок во рамки на Салцбуршкиот форум, кој под унгарско претседателство се одржа на 9 и 10 март во Егерсалок, Унгарија, во име на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше неговиот шеф на кабинет Ристо Ставревски...

На овогодинешниот министерски состанок во рамки на Салцбуршкиот форум, кој под унгарско претседателство се одржа на 9 и 10 март во Егерсалок, Унгарија, во име на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше неговиот шеф на кабинет Ристо Ставревски.

Ставревски се обрати на третата и четвртата сесија посветени на „Првичните искуства со воведувањето на Европскиот систем за влез/излез (EES)“ и „Статусот на договорите со Фронтекс и зајакнувањето на силите во Западен Балкан“.

Во своето обраќање на третата сесија, Ставревски истакна дека иако Македонија не е членка на Европската Унија, таа активно придонесува кон новата европска безбедносна архитектура и внимателно ги следи процесите поврзани со имплементацијата на European Entry/Exit System (EES).

„Иако директно не го спроведуваме системот, ние сме дел од новата европска безбедносна архитектура. EES не е само нов ИТ систем на границите, туку суштинска трансформација која го менува управувањето со надворешните граници и поставува нови стандарди за ефикасност и заштита на податоците“, нагласи Ставревски, посочувајќи дека клучен предизвик во иднина ќе биде интероперабилноста и поврзаноста меѓу националните и европските бази на податоци.

На четвртата сесија, посветена на соработката со Фронтекс и зајакнувањето на капацитетите во регионот, Ставревски ја истакна важноста од оперативната поддршка и партнерството меѓу земјите од Западен Балкан и европските институции.

„Безбедноста на границите на Западен Балкан е директно поврзана со безбедноста на Европа. Нашата соработка со Фронтекс ја оценуваме како високо професионална и суштинска, а заедничките операции покажуваат дека кога ресурсите и знаењето се обединети, резултатите се видливи на терен“, потенцираше Ставревски.

Тој додаде дека во иднина е потребно дополнително зајакнување на оперативната соработка, поголема флексибилност во распоредувањето на капацитетите и натамошно усогласување на националните системи со европскиот систем за интегрирано гранично управување.