Нападите на Блискиот Исток продолжија
Нападите на Блискиот Исток продолжија. Експлозии во Иран, Израел, заливските земји. Клучната рута за проток на нафта и натаму небезбедна.САД елиминираа ирански пловила кои поставуваат мини во Ормускиот теснец, Иран возвраќа со напади врз комерцијални бродови.Врховниот водач, Моџтаба Хамнеи е жив и здрав, и покрај воени повреди, објавија властите во Иран и ги предупредија антивладините демонстранти да не излегуваат на протести поттикнати од непријателот …

Ормускиот теснец и натаму небезбеден за пловидба. Американската војска елиминираше ирански пловила кои поставувале мини, три комерцијални брода се оштетени од непознати проектили во областа. Претседателот Трамп подготвува дополнителни опции да ја задржи важната поморска рута отворена, велат во Белата Куќа.
„Откако целосно ќе се постигнат целите на операцијата „Епски бес“, Американците ќе видат како цените на нафтата и гасот брзо паѓаат, потенцијално дури и ќе бидат пониски отколку што беа пред почетокот на операцијата“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Војната во Иран веќе ја чини Европа милијарди долари во зголемување на цените на енергенсите.
„Во сегашната криза, некои тврдат дека треба да ја напуштиме нашата долгорочна стратегија, па дури и да се вратиме на руските фосилни горива. Ова би била стратешка грешка. Ќе не направи позависни, поранливи и послаби“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Откако Путин се понуди да биде посредник за решавање на кризата, Русија уверува дека не споделува разузнавачки информации со Техеран.
„Знаете, можеме да им веруваме на збор. Но, тие го кажаа тоа. Тоа е подобро прашање за луѓето од разузнавањето, но да се надеваме дека не споделуваат“, изјави Стив Виткоф, специјален претставник на САД.
Новиот врховен водач, Моџтаба Хамнеи е жив и здрав, и покрај воени повреди, потврди иранското претседателство. Иран ги продолжи нападите врз Израел и земјите од Заливот. Иранската полиција со предупредување до Иранците да не излегуваат на антивладини протести. Во исто време продолжува и израелската операција во Либан.
„Ако некој излезе на улица по барање на непријателот, ние нема да го гледаме како демонстрант. Ќе го гледаме како непријател и ќе се однесуваме кон него како што би се однесувале со непријателот. Сите наши деца се подготвени да пукаат“, изјави Ахмад Реза Радан, врховен командант на безбедносните сили на Исламската Република Иран.
Британскиот разурнувач се упати кон источниот Медитеран, откако базата во Кипар беше цел на напади со беспилотни летала. Лондон се соочи со критики за бавниот одговор додека некои европски земји веќе испратија воени бродови во областа.
Маријана Димовска
