На 50 годишнината од потопувањето на Глобочица осветена новата црква Св.Илија

14.09.2014 16:46

„Ако сакаш да си го скротиш целиот немир од душата, дојди тука, во оваа припитомена дивина, и за миг од возрасен, си дете“. Вака македонскиот поет Јован Котески ја доловувал убавината на селото Глобочица која пред 50 години исчезна во водите на Глобочичкото езеро.

Мештаните низ солзи ќе Ви раскажат како паметат дека дел по дел нивното родно место изчезнувало во длабоките води на ново формираното езеро. Нивното детство за миг заминало со самата вода.

„Паметиме кога езерото почна да се оформува и гледавме како дел по дел ни одзема се она што ние драго, денес мојата куќа, а после 15 дена и куќата на мојот другар. Паметиме како во овие води ни се поплавуваше пколото во кое ги започнавме нашите школски денови „Момчило Јордановски“. Паметиме како се поплавуше и црквата „Свети Илија“ каде ги празнуваваме сите празници. Сепак најтешко ни беше кога се потонуваше и последната куќа од селото. Тој момент е врежан и незаборавен. Еден од моите другари рече „нашето село повеќе не постои“ . Нашето детсво втона во ова езеро“, вели Зоран Илоски од Глобочица.

Носталгијата и после толку години повторно го враќа народот на своите корени, на некогашните огништа во недопрениот дел на најубавата природа во нашата земја.

„Носталгијата на народот во село Глобочица уште во 1976 година многу кратко после 10 години од иселувањето поведе да своите корени ги побараат повторно назад и започнаа со обновување на стариот водовод, со озградба на оваа спомен чешма во спомен на илинденците и борците на НОБ. Во 1993 година, во меѓувреме се направија многу куќи, во 1997 и 1998 година селото се електрифицира, се изгради нов далновод исклучиво со средства од месното население и со донации“, вели Крсте Илоски, член на управниот одбор на Глобочица.

Пред неколку години беше од водите на езерото извадена и камен плочата на потопената црква. Денес на 50 годишнината од потопувањето беше и осветена новата црква Св.Илија на кој чиночалствуваше и Владиката Тимотеј.

„Чекавме 50 години да ја извадиме од под водите на Глобочичкото езеро за да ја изградиме велелпната црква да го направиме ова што го копнеевме цел живот ние Глобочичани. Црквата се градеше со донација на сите овие присутни овде, кој со пари, кој со работа, кој со ум, кој со желби, црквата е изградивме за три години. На денешниов ден точно пред три години е започнавме и денеска еве ја осветуваме таа црква. Им благодариме на сите што помогнаа во градбата на црквата“, рече Сандре Попоски, претседател на управниот одбор на Глобочица.

Преку езерото, жителите на некогашна Глобочица веќе две децении создаваат нов живот во новоизградената населба создавана со бројни работни акции кои на мештаните им го јакнат чувството на заедништво, а на населбата и даваат лик кој плени.

Јованчо Наумоски