Таксистите ќе полагаат испит за да добијат сертификат за работа
Велешките таксисти ќе полагаат испит за да се стекнат со сертификат за обавување на дејноста. Лиценцата сега доаѓа во втор план. Испитите ќе се полагаат пред овластена комисија а целиот процес го финансира такси превозникот или оној кој во иднина планира да се занимава со оваа дејност.

Прво сертификат па потоа лиценца за такси дејност, ова е една од мерките со кои локалната власт ќе го решава проблемот со нелојалниот превоз на патници во Велес. Лиценцираните таксисти веќе можат да се пријавуваат за да полагаат испит и да го добијат неопходниот сертификат. Без овој документ и тие повеќе не ќе можат да ја обавуваат оваа дејност. За таксистите ваквата промена во Законот за јавен превоз е недоволно позната. Од проверката на знаењето велат дека не се плашат, она што нив ги плашело е висината на трошоците кои сами треба да ги подмират за добивање на сертификатот.
„Ако треба ќе полагаме, ќе видиме, последни ќе полагаме, првен да видиме како ќе биде“,
„Зависи колкава ќе биде сумата, ако биде повеќе од две илјади три илјади секој нема да може да поднесе“, велат анкетираните таксисти.
Процесот на полагање ќе го спроведува овластен испитен центар. Во писмен и усмен дел такси возачите ќе одговараат на прашања поврзани со безбедноста во сообраќајот и превоз на патници. Покрај веќе лиценцираните таксисти за полагање на овој испит може да се пријават и други лица.
„ Да видиме колку лица се заинтересирани и како ќе ја спроведеме обуката, доколку има потреба може ќе повикаме уште еден јавен повик“, рече Елизабета Јовчевска од Општина Велес.
Во Велес бројот на лиценцирани такси превозници е 250. Но низ улиците сообраќајат многу повеќе возила со ознаката такси. Дали сертификатите ќе бидат решение за нелојалната конкуренција ќе се знае наскоро. Паралелно со пријавувањето за полагање на испит за добивање на сертификат, лиценцирани таксисти може да се пријават и за посетување на курс за изучување на англиски јазик.
Дијана Иванова
