Државата ја следи состојбата со цените на нафтата, болниците обезбедени со гориво
Државата ја следи состојбата со цените на нафтата и уверува дека здравствените институции нема да останат без гориво, дури и ако дојде до нови поскапувања. Во меѓувреме, Фондот за здравство соопшти дека долгот на болниците се намалува, но се откриени и злоупотреби во некои здравствени установи.

Државата будно ја следи состојбата со цените на нафтата и доколку има потреба ќе интервенира. Возилата на здравствените институции, болниците и Итната медицинска помош ќе имаат доволно гориво, без оглед дали ќе има нови ценовни шокови или евентуална енергетска криза.
„Мислам дека треба да почекаме да видиме што ќе се случи со пазарот. Не е првпат да се случуваат скокови на цените. Владата има доволно инструменти да интервенира во цената на дизелот, ако тоа стане проблем за транспортот“, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Во меѓувреме се намалува долгот и се подобрува ликвидноста на болниците во земјава. Според податоците на Фондот за здравство, вкупниот долг на јавните здравствени установи моментално е под пет милијарди денари. Сепак, институциите будно ја следат состојбата, бидејќи, како што велат, сè уште се регистрираат одредени неправилности и недоследности во работењето.
„Имаме и санкционирани. Во Општата болница во Прилеп има кривични пријави, обвинителни акти и притвори за десеттина лица за злоупотреби на благајната и лажни набавки на услуги“, вели Клековски.
Проблеми единствено оваа зима имаше и со снабдувањето со мазут на психијатриската болница во Демир Хисар, но тие биле надминати со интервенција од државните резерви.
Соња Рилковска
