Економија

Мицкоски: Зголемен е процентот на странските инвеститори задоволни од бизнис климата во државата

11.03.2026 16:23

„Нема да дозволиме покачување на цените, земјава има доволно резерви на нафта“ – став на премиерот Мицкоски по средбата со стопанствениците и советот на странски инвеститори. Има бизнисмени кои се подготвени да го прошират своето производство.

Зголемен е процентот на странските инвеститори кои се задоволни од бизнис климата во Македонија и се подготвени да го прошират своето производство, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој кажа дека странските инвеститори се исклучително важни исто како и домашните, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето Владата.

Дури 55 проценти од странските инвеститори сакаат својот капитал повторно да го вложат во Македонија. Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, каде пред стопанствениците разговараа за актуелната економска состојба. Премиерот по средбата рече дека за Владата странските инвеститори се многу важни, исто како и домашните, оти економијата е една од главните приоритети на една држава.

Во фокусот на средбата биле актуелната состојба со војната на Блискиот Исток и проблемите што ги имаат странските инвеститори, недостигот на работната сила, царинските стапки, минималната плата како и адаптирањето и олеснувањето на работните дозволи за странци, вели Мизо.

На состанокот станало збор и за намалување за 50 проценти на царинските стапки што се очекува од 1-ви јули годинава.

Во меѓу време, премиерот рече дека нема да дозволат да има покачување на цените, односно дека земјава има доволно резерви и имаме инфлација најниска во регионот.

„Имаме најниска цена на горивата во регионот, нема ценовен шок и снабдувањето со нафта и нафтени деривати не е доведено во прашање“, рече премиерот Мицкоски.

Во услови на криза државата може да ја намали акцизата за горивата до 4 денари, или ДДВ-то за увоз на енергенси од 18 проценти да го спушти на 10 проценти.

Борис Грујоски