МАНУ

Попов: Европскиот пат на Македонија е единствена опција

11.03.2026 18:21

„Науката може да го поправи тоа што не може политиката во ирационалниот спор со Бугарија“ – вели претседателот на МАНУ, Живко Попов. На Генералното собрание на академијата, рече дека Македонија не може да биде поштедена од последиците од војните во светот и побара стратешките партнери да помогнат во решавањето на проблемите кон Европската унија...

Македонија не може да биде поштедена од последиците од војните во Украина и на Блискиот Исток и мора да си го најде своето безбедно место во светот за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, порача во своето годишно експозе првиот човек на Ману, академик Живко Попов. Според него, земјава мора да биде поддржана од повеќе внимателно избрани стратегиски партнери што само може да и донесе корист на државата.

Анализирајќи ја состојбата со евроинтеграциите, Попов заклучува дека земјава и натаму останува блокирана од ирационалниот спор. Позитивен сигнал смета дека е стратегискиот договор со САД, но и со Обединетото Кралство што според него влева надеж кај македонскиот народ дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор и подобрување на релациите со Брисел. Но, сепак дециден оти Европскиот пат на Македонија е единствена опција, а ЕУ свесна дека европскиот континет без Западен Балкан нема да биде комплетен.

Кај академик Попов сè уште останува жива надежта дека спорот со Бугарија може да го деблокира науката, потсетувајќи дека со Бугарската Академија во минатото имале над 30 научно истражувачки проекти, а во моментов ниту еден, а контактите се целосно изгубени. Апелира за обновување на соработката, оти во науката како што вели не смее да има политика.

Викторија Милевска