Зголемен бројот на кривични пријави за семејно насилство
Жртвите на семејно насилство веднаш и без исклучок да пријават телефонски или лично, во полициска станица, апелираат надлежните. Наспроти кривичната пријава, која Министерството за внатрешни работи сега ја поднесува по службена должност, на жртвите им следува и бесплатна правна заштита, но потребна им е соодветна психолошка поддршка...

Зголемен е бројот на кривичните пријави и изречените мерки притвор за семејно насилство, информираат од министерството за внатрешни работи. Од таму велат, ова е резултат на измените во кривичниот законик, според кои, семејното насилство сега се гони по службена должност и не е неопходна согласност на жртвата. Началничката на одделението за семејно насилство при СВР Скопје, Билјана Јеремиќ, ги охрабрува сите жртви, без исклучок, веднаш да ги пријават насилниците, телефонски или во лично, во полициска станица.
Откако ќе бидат евидентирани како жртви на семејно насилство, оштетените добиваат и право на бесплатна правна заштита и адвокат, обезбеден од Министерството за правда, како и на изрекување на заштитни мерки. Доколу насилникот прекрши некоја од мерките, тоа претставува кривично дело, неизвршување на судска одлука.
Многу мал дел од жртвите бараат психолошка поддршка за себе во приватните пракси, но голем дел бараат за своите деца, велат психолозите. Апелираат, центрите за социјална работа соодветно да ги обучат вработените, а особено психолозите, со цел жртвите да ја добијат неопходната поддршка.
Сите човечки суштества имаат право на достоинствен живот и на среќа, но треба да бидат храбри, бидејќи Македонија има закони за заштита на жртвите, велат експертите. Во меѓувреме, продолжува контролата во постапувањето на претставниците на министерството за внатрешни работи и на центарот за социјална работа, во случајот кој заврши со трагичен исход, во скопско Тафталиџе.
Марија Котовска
