Блиски Исток

Техеран се заканува со прекин на протокот на нафта

11.03.2026 18:46

Нападите на Блискиот Исток продолжија. Експлозии во Иран, Израел, заливските земји. Клучната рута за проток на нафта и натаму небезбедна. САД елиминираа ирански пловила кои поставуваат мини во Ормускиот теснец. Иран возвраќа со напади врз комерцијални бродови.

Ормутскиот теснец – жариште на конфликтот со Иран. Додека САД уништуваат ирански пловила што поставуваат мини на клучниот воден пат, комерцијални бродови на мета на непознати проектили. Техеран се заканува со прекин на протокот на нафта, додека Трамп подготвува мерки за одржување на рутата отворена.

„Никогаш нема да дозволиме ниту еден литар нафта да помине низ Ормутскиот теснец во корист на САД, ционистите или нивните партнери. Секој брод што им припаѓа на САД, ционистичкиот режим или на нивните непријателски партнери ќе се смета за легитимна цел“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на „Хатам Ал-Анбија“ во сопственост на Револуционерната гарда на Иран.

„Откако целосно ќе се постигнат целите на операцијата „Епски бес“, Американците ќе видат како цените на нафтата и гасот брзо паѓаат, потенцијално дури и ќе бидат пониски отколку што беа пред почетокот на операцијата“, истакна Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Војната во Иран веќе ја чини Европа милијарди поради растот на цените на енергенсите. Меѓународната агенција за енергија одобри рекордно ослободување на итни нафтени резерви.

„Ќе стават на располагање 400 милиони барели нафта за да се компензира загубата на снабдување поради затворањето на теснецот со цел да се ублажат непосредните влијанија од нарушувањето на пазарите, но, најважно е продолжувањето на транзитот низ теснецот“, изјави Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.

Нападите во регионот продолжуваат. Техеран потврди дека новиот врховен водач, Моџтаба Хамнеи, е жив и покрај повредите, ги предупреди граѓаните да не протестираат, додека Израел се закани дека ќе го урне иранскиот режим.

„Ако некој излезе на улица по барање на непријателот, ќе го гледаме како непријател, а не како демонстрант. Сите наши деца се подготвени да пукаат“, порача Ахмад Реза Радан, врховен командант на безбедносните сили на Исламската Република Иран.

„Се закануваат дека ќе масакрираат секој што протестира, а кога се борат против вистински војници, бегаат како глувци во тунелите. Ќе продолжиме да ги уништуваме, ден по ден, цел по цел, за да му овозможиме на иранскиот народ да се крене и да го собори овој режим“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Турција со апел-војната во Иран мора да запре пред да го запали целиот регион.

„Војната мора да се запре пред да ескалира и да го запали целиот регион. Ако ѝ се даде шанса на дипломатијата, навистина е можно да се постигне мир“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Британскиот разурнувач се упати кон источниот Медитеран, откако базата во Кипар беше цел на напади со беспилотни летала. Лондон се соочи со критики за бавниот одговор додека некои европски земји веќе испратија воени бродови во областа.

Бојана Крстевски