Техеран ги засилува нападите врз нафтените рути
Продолжуваат американско-израелските напади во Иран. Техеран пак, таргетира танкери во Заливот. Цените на нафтата повторно растат, и покрај меѓународниот договор за ослободување на резервите...

Ормутскиот теснец и натаму жариште на конфликтот во Иран. Цените на нафтата повторно растат, и покрај меѓународниот договор за ослободување на резервите. Американскиот претседател Трамп прогласи „победа“ над Иран и ја поздрави одлуката на енергетската агенција.
„Меѓународната агенција за енергија се согласи да координира ослободување на рекордни 400 милиони барели нафта од различни национални резерви на нафта низ целиот свет, што значително ќе ги намали цените на нафтата додека ставаме крај на оваа закана. Мораме да ја завршиме работата, нели? Во текот на изминатите денови, нашата војска практично го уништи Иран. Победивме, уште во првиот час беше готово. Само е прашање кога ќе престанеме?“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Превозот низ Ормутскиот теснец е речиси запрен, блокирани околу 20 проценти од светските нафтени и гасни капацитети. Лидерите на Г7 најавуваат мерки за зголемување на производството и стабилизирање на пазарот.
„Ќе ги преземеме сите потребни мерки за да поттикнеме максимално производство од сите што произведуваат во овој период и да се справиме со последиците од оваа војна“, истакна Емануел Макрон, претседател на Франција.
Техеран ги засилува нападите врз нафтените рути. Во Персискиот залив со дронови погодени уште два странски брода. На мета и енергетските ресурси во соседството. Гори складиште за гориво во Оман и Бахреин, Саудиска Арабија пресретнува дронови над нафтените полиња. Катар обвинува за напади врз цивилната инфраструктура.
„Нашиот регион минува низ тешки околности поради тековната воена ескалација што го погоди, а ги таргетира и Катар со повторените напади од Иран, кои не се ограничени само на воени, туку погодија и цивилни цели“, изјави Шеик Мохамед Ал Тани, премиер на Катар.
Американско-израелските напади продолжуваат низ Иран и Либан. Тел Авив тврди дека Хезболах и Иран се обидуваат да ги прошират нападите низ Израел.
„Обидот за проширување на пукањето во многу области во земјата е директен одговор на обемната и длабока штета и притисокот што го вршиме врз нив, а овој притисок се зголемува од ден на ден. Ние ја таргетираме главата на октоподот во Иран, неговата рака во Либан боли. Таргетирајќи го во Либан, го ослабуваме и со тоа што го таргетираме Иран“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се бара Иран веднаш да ги запре нападите врз земјите од Заливот. Бахреин порача дека ова е прашање од значење за глобалната стабилност и енергетската безбедност. САД ја осудија стратегијата на Техеран за дестабилизација на регионот, додека Русија и Кина останаа воздржани. Иран оцени дека резолуцијата е политички мотивирана и дамка врз досието на Советот.
Бојана Крстевски
